#BEACTIVEDAY2026
Проектот #BEACTIVE DAY 2026 е европска иницијатива во рамки на програмата Еразмус+ Спорт, насочена кон промоција на физичката активност и здравиот начин на живот. Како дел од Европската недела на спортот, проектот обединува партнери од повеќе земји со цел да мотивира што повеќе луѓе да бидат активни, почесто и подолго време.
Главниот фокус на изданието во 2026 година е менталното здравје, при што преку различни бесплатни настани и активности се нагласува позитивното влијание на физичката активност врз психофизичката благосостојба. Проектот ги поврзува фитнес и спортските организации, институции и заедници, создавајќи можности за вклучување на сите возрасни групи и градење поинклузивно и поздраво општество.
Преку локални и национални активности, #BEACTIVE DAY 2026 придонесува кон зголемување на свеста, учеството и капацитетите во секторот за физичка активност, со цел подобрување на квалитетот на животот на граѓаните.
#BEACTIVEDAY 2026 е проект кофинансиран од Европската Унија, чија основна цел е да ја поттикне физичката активност, да ја зголеми свеста за значењето на здравиот начин на живот и да придонесе кон создавање поактивни, поинклузивни и поздрави заедници низ Европа.




Водич за ментално здравје и добросостојба
Водичот за ментално здравје и добросостојба отвора важна тема за фитнес секторот,односно како физичката активност може да биде повеќе од тренинг, односно простор за поддршка, самодоверба, поврзување и подобра секојдневна рамнотежа.
Наменет за фитнес центри, тренери, инструктори и сите што работат во областа на физичката активност, водичот нуди практични насоки за создавање средини во кои секој учесник ќе се чувствува безбедно, прифатено и мотивирано.
Преку #BEACTIVE DAY 2026, пораката е јасна: добросостојбата започнува со движење, но продолжува со разбирање, поддршка и инклузија.
Проектни активности
Дводневна проектна работилница во Скопје во рамки на #BEACTIVE DAY 2026
На 26 и 27 март, во конференциските простории на хотел Лимак во Скопје, се одржа дводневна проектна работилница во рамки на проектот #BEACTIVEDAY 2026
, која обедини релевантни чинители од фитнес и спортскиот сектор на европско и регионално ниво.
Во текот на првиот ден, учество зедоа над 35 претставници на национални фитнес асоцијации од повеќе европски земји, заедно со претставници на македонски и балкански фитнес центри, како и членки на НМА. Работилницата овозможи структурирана размена на знаења, искуства и добри практики, со посебен акцент на:
- унапредување на регионалната и меѓународната соработка во секторот
- развој на долгорочни стратегии за раст и одржливост на фитнес индустријата
- јакнење на улогата на фитнес заедницата во промоција на здрави животни навики
Особено значаен сегмент од програмата беше предавањето на експертот по ментално здравје, реномираниот психолог Радмила Живановиќ. Преку комбинација од теоретски осврт и интерактивни пристапи, учесниците имаа можност да ги продлабочат своите знаења за влијанието на физичката активност врз менталното здравје, како и за нејзината улога во подобрување на квалитетот на животот и психофизичката благосостојба.
Вториот ден од проектната работилница беше фокусиран на интерна координација помеѓу партнерите од проектниот конзорциум. Во овој дел, детално се разгледаа претстојните активности, се дефинираа конкретни задачи и одговорности, како и се утврди временската рамка (timeline) за успешна имплементација на проектот на национално и европско ниво.
Работилницата претставува важен чекор во насока на зајакнување на партнерствата, унапредување на капацитетите на организациите и обезбедување координиран пристап кон реализацијата на проектните цели.
Успешно одржан Launch Event за #BEACTIVE DAY 2026
На 20 мај 2026 година, North Macedonia Active го организираше официјалниот Launch Event за #BEACTIVEDAY 2026, кој се одржа како онлајн вебинар со учество на 41 претставник од фитнес центри, спортски клубови, општини, образовни институции, граѓански организации и други релевантни чинители.
Настанот претставуваше прв национален чекор во подготовката и промоцијата на #BEACTIVEDAY 2026 во нашата држава. Учесниците беа запознаени со целите, вредностите и можностите за вклучување во кампањата, со посебен фокус на промоција на физичката активност како важен дел од здравиот и активен начин на живот.
Во рамки на вебинарот се дискутираше за поврзаноста меѓу физичката активност и менталното здравје, мапирање на потенцијални активности низ државата, како и за одржливоста и понатамошниот развој на #BEACTIVEDAY 2026. Беа предложени различни идеи за активности, вклучувајќи отворени фитнес денови, пешачење, танцување, спортски предизвици, семејни спортски активности и други настани на отворено и во затворен простор.
Настанот придонесе за зајакнување на партнерствата и поставување основа за широка национална мрежа која ќе работи на инспирирање на повеќе луѓе да бидат физички активни, здрави и вклучени во заедницата.
#BEACTIVEDAY 2026 – Движење што инспирира!
#BEACTIVEDAY 2026 е повеќе од кампања , тоа е европско движење кое ги обединува луѓето преку физичка активност, позитивна енергија и здрави животни навики.
Од фитнес тренинзи, спортски игри и танцување, до трчање, пешачење и активности за сите генерации, #BEACTIVEDAY создава можност секој да се вклучи, да се движи и да почувствува колку физичката активност може да го подобри секојдневието.
Кампањата има за цел да ја доближи физичката активност до сите граѓани, да ја зголеми свеста за важноста на активниот начин на живот и да поттикне посилна, поздрава и поактивна заедница.
Ги покануваме сите фитнес центри, спортски клубови, училишта, организации, институции и поединци да се приклучат кон #BEACTIVEDAY 2026 преку организирање активности, настани и иницијативи кои промовираат движење, спорт и здрав живот.
Споделете фотографии и видеа од вашите активности на социјалните мрежи, означете ги профилите на North Macedonia Active и EuropeActive, и задолжително користете го хаштагот #BEACTIVEDAY2026.
Instagram профили за означување: @nmacedoniaactive и @europe_active
Со вашето учество станувате дел од заедничкото европско движење за поактивна, поздрава и посилна заедница.








